„Падна“ владата во Бугарија и пред да биде избрана

„Ова е прва влада во историјата која поднесе оставка пред да биде избрана“.



Така, партијата ГЕРБ на Бојко Борисов ја коментираа вчерашната одлуката на Слави Трифонов да ја повлече номинацијата на Николај Василев за премиер во новата бугарска влада откако „Има таков народ“ победи на изборите.

Трифонов на својот фејсбук-профил напиша дека на денот по изборите на 12 јули објавил предлог-кабинет составен само од високо образовани професионалци, но дека тоа наиде на критики.

„За премиер го предложив економистот Николај Василев, човек со искуство во политика, државната администрација и реалниот бизнис. За само три дена, врз него се истурија многу погрдни зборови. Се покажа дека не е важно колку се образовани кандидатите за членови на владата, колку се добри експерти, колку се јасни нивните приоритети.“

Тој најави дека неговата партија наскоро ќе предложи нов премиер со нов состав на влада. Николај Василев и дел од политичкото раководство на „Има таков народ“ утре (16 јули) ќе им дадат одговор на медиумите за нивните следни политички чекори

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Трифонов, на Бугарија не и требаат нови избори и нестабилност, додавајќи дека е важно да се отстрани моделот ГЕРБ од јавниот и политичкиот живот.