Сепаратистичките сили во Украина, поддржани од Москва, соопштија дека го зазеле Лиман, стратешки град што се наоѓа на патот што води до клучните источни градови кои сè уште се под контрола на Киев, јавуваат медиуми.
Лиман е клучен железнички центар и долго време беше цел на напади.
Заедно со руските војници, сепаратистичките сили „ослободија и презедоа целосна контрола над 220 населени места, вклучувајќи го и Красни Лиман“, објавија од отцепениот регион Доњецк , користејќи старо име за градот.
Алексеј Арестович, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави дека сепаратистите сега се чини дека имаат контрола врз градот.
„Според непроверени податоци, го загубивме градот Лиман“, вели Арестовиќ во објавеното видео, додавајќи дека нападот бил добро организиран.
Лоциран во северниот дел на источниот регион Доњецк, Лиман лежи на патот кон Славјанск и Краматорск, главниот град на делот на Доњецк кој е под контрола на Украина.
Москва е фокусирана во Украина на обезбедување и проширување на своите „придобивки“ во регионот на Донбас, во близина на границата со Русија и дом на про-Кремљ сепаратистите, како и на јужниот брег.
Руски и назначени од Москва официјални лица во јужниот регион Керсон, кој е под целосна контрола на руските трупи, и во југоисточниот регион Запорожје, изјавија дека двата региони би можеле да станат дел од Русија.






