Пад од 92,5 отсто на бројот на болни од грип во однос на лани!

Во сезоната 2020/2021 година вкупниот број заболени од сезонски грип изнесува 539, што е за 92,5 отсто помалку споредено со истиот период лани и за 94,5 отсто помалку во однос на типичната сезонска крива, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.



Најголемиот број заболени се пријавени во возрасната група од 15 до 64 години (228 случаи), а највисоката инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години.

Во петтата недела од 2021 година пријавени се 45 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип, со што се бележи пад во споредба со минатата сезона и со типичната сезонска крива.

Во Македонија, заклучно со петтата недела, вакцинирани се вкупно 39.488 лица против сезонски грип, од кои 28.922 лица со бесплатна вакцина, а 10.566 со комерцијалните вакцини.

Мерките за заштита од Ковид-19 придонесоа за намалување на бројот на заболени од сезонски грип, соопштија од Министерството за здравство.