Пад од 1,4 отсто на американската економија во првиот квартал годинава

Бруто домашниот производ на САД забележа пад од 1,4 проценти во првите три мисеци годинава во споредба со истиот период минатата година, соопшти Департментот за трговија, зголемувајќи ги стравувањата за рецесија.



Забавувањето е прво по завршувањето на рецесијата предизвикана од коронавирусот во април 2020 година и во најголема мерка се должи на најбрзиот раст на потрошувачките цени во последните четири децении. Само во март тие се зголемија за 8,5 отсто, за што претседателот Џо Бајден ги обвини својот руски колега Владимир Путин и „неговата“ воена интервенција во Украина.

Економските аналитичари велат дека падот во првиот квартал делумно е предизвикан од зголемениот трговски дефицит, што значи дека САД увезувале многу повеќе стоки отколку што извезувале. 

Инфлацијата ги притиска домаќинствата, бидејќи цените на бензинот и на храната растат, трошоците за задолжување се зголемуваат и поради екстерните шокови, како што се руската воена операција во Украина и ковид-локдаунот во Кина.

Падот на американската економија во првото тримесечје од 2022 година е изненадувачки со оглед на растот од 6,9 проценти на годишно ниво во последниот квартал од 2021 година.