Бруто домашниот производ (БДП) на Македонија минатата година се намалил за 4,5 проценти во однос на претходната, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС).
Рецесијата продолжи и во последното тримесечје, во кое е регистриран пад од 0,7 проценти, откако во третото тој беше -3,3 отсто, а во второто -12,7 отсто. Само во првиот квартал, пред почетокот на епидемијата од Ковид-19, БДП имаше позитивна стапка на раст, но и таа од незначителни 0,2 отсто.
Според проекциите, годинава растот треба да изнесува над 4 проценти, но експертите бараат ревидирање надолу на оваа прогноза поради доцнењето и сè уште неизвесниот почеток на вакцинацијата.
Во четвртото тримесечје од 2020 година раст е забележан во секторите Ј – Дејности во врска со недвижен имот од 2 отсто и И – Финансиски дејности и дејности на осигурување од 1 отсто.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат, во четвртото тримесечје од 2020 година номинално се намали за 1,6 отсто, а нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 62,4 отсто.
Во истиот период извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 4,5 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа намалување во номинален износ од 5,7 отсто.





