Денеска околу 15 часот започнува разврската од конфликтот во ДУИ меѓу скопското крило познато како ,,Огнената група” и групацијата под контрола на Артан Груби.
Лидерите на ,,Огнените” Изет Меџити и Муса Џафери кои веќе влегоа во претседателството на ДУИ сега бараат Груби да ја напушти вицепремиерската функција.
Ако тоа не се случи извесно е да дојде до формирање на фракција во ДУИ која со помош на пратеници од други партии може да го контролира тенкото мнозинство на власта во Собранието.
,,Неизвесно е каква ќе биде разрешницата, бидејќи Централното претседателство не гласа. Министрите, според наши сознанија, подготвиле „богата литература“ за сработеното, односно отчетите бројат десетици страници. Очекувањата се дека на состанокот ќе се спротивстават аргументите „за“ и „против“ работата на министрите, замениците и на државните секретари и според „огнените“, ако надвладеат нивните аргументи министрите сами ќе треба да се повлечат од функцијата, во спротивно Ахмети ќе треба да пресече дали на премиерот Димитар Ковачевски ќе му предложи нови министри и проветрување на владиниот кабинет” пишува Слободен Печат за кризата во ДУИ пред денешниот состанок во Мала Речица.
,,Од барањата во писмото кое го објавивме во јавноста досега издејствуваме отворање на внатрепартиска дебата, формирани се партиските органи, останува уште отчетот и смена на министри. Посакуваме Централното претседателство да биде на ниво на задачата, да биде функционално, да има суштинска, а не формална дебата. Ако ја надминеме ситуацијата, ќе покажеме голем демократски капацитет, не само во ДУИ туку и во однос на другите партии”, велат извори во „огнените” за весникот од каде тврдат дека е можно формирање на фракција во ДУИ.






