Придавката „македонски“ на банерите на македонскиот штанд на најголемиот меѓународен саем на виното „Провајн 2022“ во Диселдорф одново ги разбранува односите меѓу Македонија и Грција, за кои потписниците на Преспанскиот договор тврдеа дека станале пријателски.
Иако на плакатите над натписот „македонски вина“ стои државното име „Република Северна Македонија“, договорено во Нивици, Канцеларијата за економски и трговски прашања (ИСД) на грчкиот конзулат во Диселдорф побара од организаторот описот за вината да се симне и оттаму и од промотивниот материјал за настанот.
Објаснувањето им е дека терминот „Македонија“ е заштитена географска ознака на Грција за вината произведени во земјата, конкретно во регионот Македонија, па македонските изложувачи во Диселдорф го прекршиле „acquis communautaire“. Поради тоа, грчките власти (Министерството за надворешни работи) ги направиле потребните интервенции кај организаторите на изложбата, но и кај други органи и служби во Германија.
Состанок е одржан и во грчкото МНР со цел да се утврдат следните потези на грчката дипломатија.
Оваа година на македонскиот штанд на „Провајн“ се претставија винариите „Тиквеш“, „Стоби“, „Бовин“, „Далвина“, „Попов“, „Мовино“, „ГД Тиквеш“, „Пуклавец“, „Венец“, „Камник“, „Езимит“ и „Имако“. Настапот го поддржа Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а штандот го посети и министерот Љупчо Николовски.
Ова е втор инцидент за неколку месеци, откако во февруари винопроизводителите од Македонија учествуваа и на меѓународниот вински натпревар „Citadelles du Vin“ во Франција со етикетите „македонско вино“ и „македонско виногорје“. Но, по интервенција на грчките власти, релевантните фрази беа коригирани од компаниите од Македонија, известуваат грчките медиуми.





