„Отворено општество“ на Сорос се сели од Унгарија

Фондацијата Отворено општество (OSF)на Џорџ Сорос ја напушта Будимпешта, а канцеларијата одговорна за нејзината дејност во Источна Европа, ќе се пресели во Берлин, објавија унгарските медиуми повикувајќи се на веста од австрискиот весник Die Presse.



Шефот на OSF и поранешeн американски амбасадор Патрик Гаспар лично патувал во Будимпешта за да го информира локалниот персонал, дознава австрискиот весник.

Според унгарската веб-страница 444.hu канцеларијата на фондацијата „Отворено општество“ во Будимпешта ќе биде затворена најдоцна со 31 август и ќе се пресели прво во Виена, а потоа во Берлин.

Американскиот милијардер со унгарско потекло, Џорџ Сорос ја основаше фондацијата во почетокот од 1990-тите, со цел да промовира демократија во поранешните комунистички држави во источна Европа.

Организацијата се соочи со интензивен притисок во Унгарија, откако десноориентираниот националист Виктор Орбан ја презеде власта во 2010 година. Орбан и неговите сојузници го претставуваат Сорос како моќна и злобна фигура која има за цел да ја поткопа моќта на државата и да ја промени строгата антимигрантска политика на унгарскиот премиер.

Орбан и неговата партија Фидес, освоија убедлива победа на изборите на 8 април, а Орбан уште еден, трет по ред, премиерски мандат.