„Отворениот Балкан“ се „појави“ на Табановце, следи и на Ќафасан – опозицијата во Македонија и Албанија е против него

„На граничниот премин Табановце, на влез во Македонија Царинската управа ја постави првата табла за ‘Зелена лента’ за ‘Отворен Балкан’ што е еден од првите проекти на иницијативата кои даваат конкретен и видлив резултат за побрз проток на стоки, услуги, луѓе и капитал.“ – јави ТВ 21.

ТВ 21 пишува: „Најважната придобивка од ‘Зелената лента’ за компаниите и транспортерите, како и за овластените економски оператори од ‘Отворен Балкан’ е намалување на времето на чекање на граничните премини. Тоа е овозможено преку приоритет во преминувањето и спроведување на царинските постапки со скратени и олеснети физички и документациски контроли.’ – информира владината прес-служба.“

„Со визуелното обележување на Зелената лента за Отворен Балкан, Царинската управа ги упатува транспортерите кон полесно движење на стоките и намалување на трошоците за извоз и увоз. Следната недела вакви обележја ќе бидат поставени и на граничниот премин Ќафасан при влез во Македонија. Тоа ќе го направат и партнерите од Србија и Албанија на позициите при влез од Македонија во тие две држави.“

„Одобрението за овластен економски оператор, кој го издава Царинската управа, претставува потврда дека лицето-имател на тоа одобрение е сигурен и безбеден партнер на царинскиот орган. Со протоколите кои меѓусебно ги потпишавме тие потврди се еднакво важечки и за земјите, кои се дел од иницијативата ‘Отворен Балкан’. Ова е значајна придобивка за компаниите од трите земји, кои побрзо и поефикасно можат да ја пласираат својата стока.’ – истакнуваат од Владата.“

Наспроти ДУИ и Владата, лидерот на опозициската Алијанса на Албанците Зијадин Села ја повика Владата да се повлече од иницијативата „Отворен Балкан“. „Со Србија која толку отворено соработува политички и економски со рускиот агресор, ‘Отворен Балкан’ ризикува да стане ‘тројанскиот коњ’ на Путин на Западен Балкан. Ова не смее да се случи! Затоа ја повикувам Владата веднаш да се повлече од ‘Отворениот Балкан’ се додека Србија не се дистанцира од Путин, која продолжува да ја поткопува независноста на Косово.“ – имаше напишано Села на својот фејсбук-профил кон крајот на минатиот месец.



„Отворениот Балкан“ наидува на остри спротивставувања и од страна на опозициската Демократска партија на Албанија, која на својот митинг од 20.12.2021 година порача дека тоа е „проект кој ги јакне Србија и плановите за ‘голема Србија“. Дел од пратениците на Демократската партија на Албанија се спротивставија на иницијативата „Отворен Балкан“, тврдејќи дека „таа е изградена во согласност со геополитичката визија на Србија“ и оти „е во спротивност со интересите на Албанците, интересите на регионот и европската перспектива“.