Таеквондистот Дејан Георгиевски, кој со сребрениот медал во Токио го оствари најголемиот успех на независна Македонија на олимпијадите, е најзвучното име меѓу 17. македонски спортисти на 3. Европски игри во Полска отворени синоќа во Краков, а ќе траат до 2 јули.
Покрај Георгиевски, македонски адут за медал е и двократниот европски првак во карате Дејан Павлов, кој на свеченото отворање го носеше знамето на Македонија заедно со таеквондистката Милијана Релјиќ.
Боите на Македонија на Игрите ги бранат и стрелачите Анастасија Мојсовска и Мартин Ангелески, таеквондистката Анамарија Георгиевска, текболистот Димитар Пејчиновски, кајакарите Ангел Петрушев, Никола Малески и Владимир Малески, мечувалците Никола Николовски, Петар Србиноски, Петар Дамјаноски и Матеј Тодороски, како и боксерите Озмен Илхан Атила, Ален Рустемовски и Арјан Исени.
На борилиштата први се појавија браќата кајакари Никола и Владимир Малески, кои во К2 на 500 метри завршија последни меѓу осум земји во својата квалификациска група.
Снимка од дефилето на македонските репрезентативци на свеченото отворање на Европските игри на линкот:






