Над 45.000 Македонци кои поседуваат бугарски пасош се евидентирани дека живеат на иста адреса во Софија, објави „Дојче веле“ на македонски јазик, повикувајќи се на бугарската новинска агенција БГНЕС.



Во избирачкиот список на Средец, најнаселениот реон во Бугарија, има 1.000 страници со запишани 45.752 бугарски државјани кои не се од Бугарија, од кои најголем број се Македонци.

Сите „странци“ се со адреса на живеење на улицата Леге број 6, каде што е сместена локалната власт на реонот Средец.

„Според законот, сите лица кои добиле бугарско државјанство, а живеат во странство, добиваат постојана адреса на живеење во зградата на администрацијата на реонот“, вели градоначалник на Средец, Трајчо Трајков.

Тој додава дека во изминатиот период бројот на „станарите“ достигнал до 82.000.