ИНА: Откриен тестаментот на Александар Велики – не бил ни Македонец ни Грк, туку Албанец!

„Со своите зборови дека е ‘потомок на семето на Илирите, со кои му се обраќа во една пригода на народот на Скадар, наведени во еден негов тестамент, Александар Велики го потврдува своето албанско потекло, односно дека не бил ниту Македонец ниту Грк, туку Албанец.“ – заклучува информативната агенција на албански јазик ИНА во својата статија под наслов „Откривањето на еден тестамент на Александар Велики ги шокира Грците и Македонците, бидејќи го потврдува неговото албанско потекло“. Агенцијата се повикува на едно научно истражување на Италијанката Луција Надин во врска со Александар Велики.



Инаку, речиси сите албански научници од различни научни дисциплини од поодамна тврдат дека „Албанците како домородно и најстаро население на Балканот се наследници на илирските племиња“ и затоа се што носи предзнак „илирски“ се тврди дека означува и „албански“.

ИНА пишува: „Сите сме читале за подвизите на Александар Велики, но она за што се расправа остро денес ширум светот е неговото потекло. Но, изгледа дека на сите алузии им доаѓа крајот, откако оваа недела истакнатиот италијански истражувач Луција Надин го откри ‘тестаментот’ на Александар Велики. Во него му се обраќа на народот на Скадар со зборовите дека е ‘потомок на семето на Илирите’ и оти им дава територија на управување.’ Документот е објавен од италијанскиот истражувач Луција Надин, која спровела научно истражување за Александар Велики.“

„Еве што пишува во писмото: ‘Јас, Александар, син на Филип, кралот на Македонците, олицетворение на монархијата, создавач на Грчкото царство, син на Зевс, соговорник на Брахманите и Пемите, на сонцето и месечината, победник врз царствата на Персејците и Медите, Господар на Светот кај што изгрева и кај што заоѓа сонцето, потомок на прочуеното семе на Илирските народи на Далмација и Либурнија и на другите народи со истиот јазик, кои го населуваат Данубиус и централната зона на Тракија, ги пренесувам љубовта, мирот и моите поздрави, на сите кои го следат владеењето на светот.“

„Тестаментот е откриен и преведен од италијанскиот истражувач Италијанката Луција Надин, која го објави во научното истражување под наслов „Статутот на Скутари од првата половина на 16. век со дополнувања до крајот на 1469 година.“ – вели информативната агенција ИНА на крајот на својата статија во врска со „откривањето на тестаментот на Александар Велики и на неговото албанско потекло“.