(…)
„Каде се во целата оваа партиска расправија навистина надлежните за спроведување попис – Државниот завод за статистика, на пример. Наместо тие да ја водат операцијата, нив ги третираат како пациенти. Испаѓа дека партиите спроведуваат попис, поучени од методологијата во кампањите од врата до врата.
Кога на ова ќе се придодадат „резултатите“ од пребројувањето – бројот на Албанци во земјава е објавен со прецизност од три децимали – тогаш навистина изгледа дека нема смисла џабе да трошиме толку луѓе, тимови и време (парите, рековме, не се битни) за да ги добиеме истите бројки во кои веруваат партиите. Или за да добиеме нови во кои никој нема да верува. Само довербата – ни закон, ни методологија ни ништо друго ја нема таа сила – може да ја спаси, да ја направи успешна операцијата за пребројување. А беше згодна можност да се преброиме. Не за друго, барем ќе видевме колку – нѐ нема.
Не е исклучено, сепак, попис да има. Ама ако нема елементарна доверба, пред сѐ во институциите, ќе изгледаме исто како погрешно закопчаната кошула – као попишани“.
Од колумната на новинарот Злате Лозановски за Слободен печат





