Градоначалникот на канадската престолнина Отава, Џим Вотсон, прогласи вонредна состојба во неделата попладне, откако околу 500 камиони и возила од „Конвојот на слободата“ продолжија да дефилираат низ улиците на канадската престолнина во знак на протест против задолжителната вакцинација, објави Фокс њуз.
Вонредната состојба му дава на градот поголема флексибилност да ги обезбедува основните услуги за своите жители.
Полицијата во Отава во неделата наутро соопшти дека од саботата наутро биле издадени повеќе од 450 казни за различни прекршоци, а биле покренати 97 кривични истраги.
Демонстрациите траат повеќе од 10 дена.
Илјадници демонстрираа и во други канадски градови, вклучувајќи го и финансискиот центар во Торонто.
Додека медиумските извештаи јавуваат за јавна поддршка за возачите на камиони кои протестираат, премиерот Џастин Трудо изјави дека јавноста е лута поради вревата и вандализмот меѓу демонстрантите.
Сепак, тој вети дека нема да ја употреби војската против демонстрантите.







