Република Македонија денеска слави осумдецениски јубилеј од почетокот на антифашистичкото востание на македонскиот народ во Втората светска војна, од која ќе излезе како победник.
Иако и пред 11 октомври 1941 година има вооружен отпор против окупаторот со жртви на страната на непријателот, за Ден на народното востание се смета нападот што го извршил прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ во Прилеп. Во акцијата учествувале 16 партизани распределени во три групи, од кои првата го нападнала бугарскиот полициски участок, втората затворот, а третата ги прекинала телефонските врски и електричната инсталација.
Првата група го ликвидирала стражарот Петар Дамев Колев, стражарот Стојан Иванов Георгиев бил ранет во левата нога и во градниот кош пред полициската станица, а сите три групи по завршувањето на своите акции се повлекуваат без жртви. Напаѓачите располагале со дваесетина пушки, 300-400 куршуми и неколку бомби.
Првата пушка ќе пукне и во кумановско. На 12 октомври 1941 година во областа Студена Вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова Колиба Карадачкиот партизански одред, но и двата се разбиени по првите судири со бугарската војска. Карадачкиот одред е разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот три дена подоцна.
НОБ во вардарскиот дел на Македонија против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор, помогнати од балистите и од домашните соработници, ќе заврши со ослободувањето на Тетово на 19 ноември 1944 година. Народноослободителната војска од околу 1.000 партизани на крајот на 1941 година ќе достигне 110.000 во мај 1945 година, а Македонија својата слобода ќе ја плати со 24 илјади жртви.






