„На македонските осуденици за тероризам на 27 април им се дозволува право за викенд-посета во затворот, а на припадниците на Кумановската група не им се дозволува ова право само затоа што се Албанци!“ – информативниот портал на албански јазик „Алмакос“ ја пренесува оваа провокативна објава на осуденикот Шефќет (Шек) Халачи од Призрен Косово, кој се наоѓа на издржување законска казна во затворот „Идризово“, како учесник во оружениот судир на вооружената терористичка група од Косово со специјалните полициски единици во кумановското ‘Диво насеље’ на 9 и 10 мај 2015 година.
„Алмакос“ го пренесува провокативното пишување на Халачи, наведувајќи го само како припадник на „Кумановската група“, без никакво наведување која е таа „Кумановска група“, без да се наведе дека токму Халачи и другите членови на оваа „Кумановска група“ се осуденици поради „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“, откако ги нападнале полициските „Тигри“ во таа населба во Куманово, убивајќи осум и ранувајќи 37 полициски специјалци. Во овој судир на групата загинале и 14 нејзини припадници, а подоцна судовите осудија 33 членови на упаднатата косовска вооружена група на соодветни долгогодишни, па и на доживотни затворски казни.
„Алмакос“ го пренесува пишувањето на затвореникот за тероризам Халачи, кој тврди: „Конкретен пример за селективна правда е случајот на македонските осуденици поради ’27 април’, на кои им се дозволува право на посета на семејството за викенд, иако се осудени под овинение за тероризам, додека на петмина припадници на Кумановската група, неправедно осудени, не им се почитува и не им се дозволува ова право, само бидејќи и припаѓаат на албанската националност, иако и тие ги исполниле условите да здобијат право на посети за викенд! с.Македонија, држава со повеќекратни стандарди, зависно од националноста, верата или расата, прави човечки и законски разлики, а Албанците треба да го трпат тоа!“





