Поранешниот американски претседател Доналд Трамп најави жалба откако поротата го прогласи за виновен за сексуален напад и клевета на колумнистката на магазинот Ела Е.Џин Керол , наводно во соблекувалната на луксузна стоковна куќа во пролетта 1996 година.



„Ќе се жалиме на оваа одлука. Тоа е срамота“, рече Трамп во едно од неколкуте видеа што ги објави на својата платформа „Truth Social“.

Трамп тврдеше дека не знае кој е Керол и го нарече судењето многу нефер.

Обвинението за силување беше отфрлено.

Според „Њујорк Тајмс“, судијата Луис А. Каплан ја образложил одлуката со тоа што Керол требало да докаже дека Трамп имал сексуален однос со неа без нејзина согласност. Само во таков случај би била можна пресуда за силување.

Поротата, составена од шест мажи и три жени, ја донесе својата пресуда по помалку од три часа размислување.

Трамп, кој сè уште не беше политичар во 1990-тите, ги негираше обвинувањата.

Кривичните обвиненија се застарени, но според граѓанското право, 79-годишната Керол можела да покрене правна постапка. Нејзината одбрана се обиде да ги потврди своите наводи со неколку сведоци. Две жени пријавиле дека авторката им се јавила набргу по инцидентот и им кажала за делото. Две други жени пред поротата изјавија дека Трамп ги ставил во слични ситуации и ги напаѓал, прене ДВ.

Трамп, кој не се појави во судницата за време на судењето, јавно и во изјава под заклетва оцени дека Керол ги фабрикувала наводите. Покрај тоа, вели Трамп, таа не е негов тип. Тој, исто така, ја обвини поранешната колумнистка на магазинот Elle дека со ваквите наводи само се обидела да ги продаде своите мемоари.

Во минатото различни жени го обвинуваа Трамп за сексуално вознемирување, што тој секогаш го негираше.

Трамп кој најави дека повторно ќе се кандидира за уште еден претседателки мандат во 2024 година во голем број случаи ја опишува правната постапка против него како политички мотивирана.