Основачите на ВМРО живееле во Германија, Италија, Австрија, Швајцарија, Белгија, Бугарија, Турција…

Почитувач на нивното дело пишува кои се луѓето што пред 129 години го основале историското ВМРО.



Дел од нив во своите животи кратко или подолго живееле во повеќе европски држави.

,,Еден 24 годишен лекар од Ресен (образован во Цирих и Берлин), 22 годишен историчар од Смилево, 25 годишен филолог од Богомила, 26 годишен правник од Ајватово(образован во Цариград и Лиеж), 32 годишен трговец (образован во Линц) и еден учител од Гуменџе ги удираат темелите на Македонската Револуционерна Организација и со тоа ја почнуваат борбата за Македонија како автономна држава”, стои во написот.

Кратки биографии на основачите:

Дамјан Јованов Груев или само Даме Груев (Смилево, 19 јануари 1871 — Русиново, 23 декември 1906) — македонски револуционер, основач и еден од најистакнатите членови на Македонската револуционерна организација. Возвишуван е како апостол и волја на револуционерна Македонија.

Д-р Христо Татарчев (16 декември 1869, Ресен — 2 јануари 1952, Торино, Италија) — македонски лекар, еден од основачите на Македонската револуционерна организација и прв претседател на Централниот комитет. Завршил гимназија во Пловдив, а медицина во Цирих и Берлин. Во 1901 бил уапсен и заточен во Бодрум Кале. По амнестирањето бил член на Задграничното претставништво на ЦК на ТМОРО. Бил и еден од основачите на Македонската федеративна организација. Поради отворените закани од ВМРО на Тодор Александров бил принуден да емигрира во Италија. Автор е на статии и публикации за македонското прашање.

Петар Поп Арсов (14 август 1868 — 1 јануари 1941) — македонски национален херој, филолог, револуционер, еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација, долгогодишен член на ЦК, задграничен претставник на организацијата, автор на Првиот устав на Внатрешната организација и автор на познатата публикација „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, идеолог, книжевник, публицист, борец за национално, културно и духовно издигање на македонскиот народ. Поборник за македонската самобитност. Борец за воспоставување на самостојна независна држава Македонија, за изградување на независна Македонска црква и образование и македонскиот литературен јазик и правопис.

Иван Хаџи Николов (24 декември 1861, Кукуш – 9 јули 1934, Софија) — македонски револуционер, општественик, книжар, трговец и еден од основачите на Македонската револуционерна организација.

Андон Димитров е роден во селото Ајватово, тогаш во Османлиското Царство. Во 1889 година завршил во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, потоа студирал право на Вишото училиште во Цариград и на Универзитетот во Лиеж (Белгија).

Христо Батанџиев е роден во Гуменџе, Ениџевардарско. Се школувал во родното село, каде што подоцна и учителствувал. Тој најпрво работел како учител во солунската бугарска машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, а потоа бил секретар во солунската црковно училишна општина и Егзархиската Митрополија во Солун.

Како патриот, загрижен за судбината на Македонија ѝ пристапил на групата македонски интелектуалци-истомисленици, со кои во Солун ја основале Македонската револуционерна организација. Организацијата е основана на 23 октомври 1893 година (стар стил) во неговото живеалиште.