„Со оглед на тоа што за седум дена успеавме да се усогласиме за амбасадор во Софија, покажавме дека имаме капацитет и за останатите седум места, така што се надевам на брзи решенија“, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи одговарајќи на новинарски прашања во врска со идниот македонски амбасадор во Софија.
Министерот потсети дека предлогот поминал на Влада и дека веќе е испратено барање за агреман до Бугарија.
Османи најави во скоро време нов предлог за македонски амбасадор во Вашингтон, но и дека очекува многу брзо да се пополнат преостанатите седум дипломатски позиции во македонските дипломатско-конзуларни претставништва.
Тој повтори дека откако е министер, „испратени се 21 амбасадор, што е повеќе од една третина, со оглед на тоа што имаме 60 дипломатско-конзуларни претставништва, од кои околу 40 се амбасади, а другите се во мисии и генерални конзулати. Во 15 ДКП се испратени дипломати од кариера, како во Виена, Москва, Њу Делхи, Камбера, Токио, Прага, Хаг, Атина, Доха, Копенхаген, Талин, Приштина, Тирана..“







