Османи во Софија: Тема и отворање македонски клуб во Благоевград

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска е во работна посета на Бугарија.



Пред денешната посета, тој најави дека ќе го покрене и прашањето за отворањето на Македонскиот културен центар во Благоевград, во функција на заемната промоција на културата во двете држави.

Шефот на македонската дипломатија ќе оствари средби со неговиот бугарски колега Николај Милков, со бугарскиот премиер Галаб Донев и со лидерите на речиси сите парламентарни политички партии.

„Целта е да се одржи и да се надгради конструктивната атмосфера во односите меѓу нашите две држави изградени посебно во последните неколку месеци, спречувајќи ги обидите за „киднапирање на таа агенда од тие што не посакуваат добри односи помеѓу нашите две пријателски држави“, нагласи Османи во изјавата пред Културно-информативниот центар на РСМ во Софија.

Клубот „Никола Вапцаров“ во бугарскиот град Благоевград беше отворен на крајот на октомври во тензична атмосфера, со засилено полициско обезбедување и вербални инциденти.

На отворањето присуствуваа претставници од ОМО Илинден-Пирин, генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на државата Миле Бошњаковски, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на Левица Димитар Апасиев и делегација од партијата Демократски сојуз.

Ден потоа беше соопштено дека бугарските власти ја затвораат организацијата која стои зад клубот.