Османи: Рамката за преговори е ѕид, не ме интересираат нови бугарски барања

 

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи вели дека не му е грижа дали ќе има нови барања од бугарска страна бидејќи преговарачката рамка е ѕидот кој точно ги дефинира линиите што можат да се поминат.



Тој реагира на изјавата на неговата бугарска колешка, Марија Габриел според која уставните измени не се единствен услов за Македонија за преговори со Европската Унија(ЕУ).

„Рамката за преговори е веќе ѕидот и апсолутно не ми е гајле дали утре ќе има нови барања од некоја бугарска влада, кои можеби ќе бидат понационалистички, ние веќе изградивме ѕид во кој точно ги дефиниравме линиите што можат да поминат, а што не може“, рече министерот Османи во емисијата „Стадион“ на радио „Канал 77“.

Тој претходно нагласи дека земјата успешно го завршила процесот на скрининг, кој го спореди со проект за изградба на куќа.

„Значи ова е проектот, овде се утврдува како изгледаат преговорите, само тие што ќе се издвојат овде како барања, само тие можат да бидат барања. Проекцијата е толку важна и ја завршивме многу успешно“, рече Османи.