Oсмани: Прво консензус, па уставните измени во Собрание

Министерот за надворешни работи најави дека предложените уставни измени ќе бидат доставени до Собранието откако ќе се исцрпат сите можности и кога ќе се постигне консензус за овој процес.



Според негови зборови, има луѓе во опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои ги поддржуваат уставните измени и со нив ќе се разговара рече министерот Бујар Османи.

Тој е оптимист дека можностите со ВМРО-ДПМНЕ не се целосно исцрпени и се’ уште има надеж. Рече дека таму има доволно разум од луѓе кои го сфаќаат моментот и дека нема да играат на картатата на бугарските радикали.

„Гледам сигнали во ВМРО-ДПМНЕ за една идеолошка поделба. Има луѓе во таа партија, според моите информации кои сметаат дека не смееме да ја пропуштиме шансата сега во Уставот да се направи таа јасна дистинкција дека Бугарите се овде малцинство. Се отвораат две патеки. Едната е брза, а другата се земји со отворени прашања. Од нас зависи во која патека ќе влеземе ние“, рече Османи одговарајќи на новинарски прашања.

Истакна дека предложените уставни измени ќе бидат доставени до Собранието откако ќе се исцрпат сите можности овој процес да биде консензуален.

„ Затоа не треба да се брза и неопходно е да се даде шанса за една поинаква дебата“, рече министерот на денешната прес-конференцијата по повод преземањето на претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) од Македонија.