Обраќањето на министерот за надворешни работи Бујар Османи и на албански јазик на прес-конференцијата по средбата со шпанскиот колега Хосе Мануел Албарез Буено во петокот не е нешто ново за државните функционери од ДУИ, бидејќи слично постапи и собранискиот спикер Талат Џафери пред две години во Брисел.
Пред Комитетот за надворешни работи во рамките на Самитот „Европски парламент – Западен Балкан“ тој се обрати на албански јазик, за што се крена голема врева во Македонија исто како сега со Османи.
„Џафери не отиде во Европскиот Парламент како граѓанинот Џафери, туку отиде како Претседател на Собранието и тоа исто така можеби пред да замине требаше да го прочита членот 2, став 2 од Законот за употреба на македонскиот јазик, според кој употребата на македонскиот јазик како службен јазик е право и должност на сите граѓани на Република Македонија, а замислете што значи оваа одредба за Претседател на Собранието. Затоа што тогаш тој е должен да се држи до Уставот и законите. Исто така го прекрши членот 6, став 1, алинеја 5 од Законот, во која заштитата, унапредувањето и збогатувањето на македонскиот јазик ја опфаќа и неговата афирмација во светот“, рече тогаш пратеничката Гордана Силјановска-Давкова во објаснувањето на барањето за интерпелација на Џафери што тогаш го поднесе ВМРО-ДПМНЕ.
„На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“, вели Уставот.





