Османи: Новиот предлог е конечен – ако прифатиме преговорите со ЕУ започнуваат следните денови

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во изјава за Канал 5 потврди дека изменетиот француски предлог, кој денеска пристигна во Владата, е конечен. Тој вели дека пред два дена лично ги водел разговорите во Софија околу последната форма на документот.



„Ако го прифатиме предлогот, преговорите со ЕУ ги започнуваме следните денови“, вели Османи, кој во моментов е во Истанбул, на враќање од Самитот на НАТО во Мадрид.

-Јас имам мој став по однос на предлогот, но мислам дека е покоректно прво да го презентирам пред претседателот, Владата, другите институции… се разбира утре, се надевам и пред јавноста и медиумите. Не би можел да навлезам во конкретните решенија што ги има во предлогот, она што е важно е дека тој ги адресира забелешките кои ние ги имавме по работната верзија којашто беше дистрибуирана. Сепак, треба да се разгледа целиот пакет, сите аспекти, ставови… и потоа да се комуницира официјално со француското претседателство, изјави министерот Османи.