Османи: Невозможна мисија е старите пасоши да важат по 12 февруари

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи смета дека грчката страна има разбирањеза техничките аспекти, но обврските од меѓународниот договор остануваат.



Тој вели дека давање лажна надеж на граѓаните и некоректно би било да им се испрати порака да бидат без грижа доколку имаат пасоши со старото име на државата и да чекаат да се направат измени во меѓународниот договор.

Што со оние над 1 милион граѓани кои не ги смениле „старите пасоши“

Тој денес ги повика институциите да се организираат и до 12 февруари да се издадат колку што може повеќе пасоши, а решение за оние што ќе останат со несменети пасоши ќе се бара на 13 февруари.

Министерот информираше дека имал средба со грчката амбасадорка, но имал и меѓуинституционална координација во МНР со претставници од МВР и од Министерството за транспорт за да ги разгледаат сите предизвици што може да се јават по 12 февруари.

„Мислам дека ова е поздраво да им се каже на граѓаните, ова е обврска што се провлекува пет години и да се обидеме до 13 февруари максимално да им ги средиме документите на граѓаните. Државата треба да ги направи тие напори, па ако треба и да ги компензира граѓаните што во овој период треба да ги сменат личните документи“, вели министерот Османи.

Министерот Бујар Османи вели дека на 13 февруари ќе се мисли што ќе се прави со лицата кои немаат пасоши.

„Тоа е меѓународен договор, ратификуван во Парламент, не е одлука на Влада на државите.

Најдобро, се договоривме да бидеме во секојдневна комуникација со грчката страна за граѓаните да немаат проблеми по 13 февруари, по однос на транспортерите, сообраќајните дозволи, пасошите“, вели министерот.