Од МНР информираат дека министерот за надворешни работи, Бујар Османи, нема да се појави на денешното рочиште каде што е тужен за клевета и сметаат дека тужбата од Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) е неоснована и дека ќе биде – отфрлена.
„Министерот Османи нема покана за суд; денес се одржува рочиште на кое се поканети адвокатите. Што се однесува до самата тужба, таа е целосно неоснована.
Министерот никогаш не дал изјава што може да се смета за навреда, клевета или која предизвикува штета. Целта очигледно не е правна разврска, туку јавна дискредитација. Веруваме дека во објективна постапка судот ќе ги увиди фактите и соодветно ќе ја отфрли тужбата како неоснована“, велат од МНР.
Од ММДЧП поднесоа тужба против Османи бидејќи тој лани во октомври за бугарската телевизија БТВ изјави дека треба да се види кој стои зад отворањето на македонскиот клуб во Благоевград наведувајќи дека еден од финансиерите на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград е „фондација од Канада, која работи спротивно на интересите на државата и на интересите на македонските стратешки партнери“.
Претседателот на Македонското меѓународно движење за човекови права, Бил Николов, и организацијата (ММДЧП) на 27 јаНУАРИ поднесоа тужби за навреда и клевета пред Основниот граѓански суд Скопје и против медиумот „360 степени“.
„Османи и ‘360 степени’ се гласно критични против сите што ќе изразат несогласување со режимот и со американските антимакедонски политики и нивното кршење на човековите права и граѓанските слободи. Тужбите се за кршење на Законот за граѓанската одговорност за навреда и клевета“, велат од Македонското движење.







