Македонија е во постојана комуникација со Франција и Бугарија за да се дојде до предлог кој ќе ги земе предвид сите чувствителни теми, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во емисијата „10 минути“ на ТВ21.
Но, министерот исто така призна дека е можно до крајот на јуни да нема нов предлог.
„Доколку не се договориме, односно ако една од страните не прифати, тогаш може воопшто да не добиеме нов предлог до крајот на јуни годинава.
Ако се закотвиме на нашите позиции и кажеме дека не прифаќаме таква одлука, а во исто време и Бугарите го прават истото, тогаш само знаеме како ќе одат работите понатаму.
Во постојана комуникација сме со Франција и Бугарија за да видиме како евентуално да дојдеме до предлог кој ќе ги земе предвид чувствителните теми.
Не можеме да прифатиме предлог кој ги зема предвид само бугарските барања“, рече Османи.
Шефот на дипломатијата додаде дека и повторно да се добие нов негативен одговор од Европската Унија, сепак политичката партија ДУИ не е за предвремени парламентарни избори.







