„…Ние ја охрабруваме бугарската заедница да се обедини во клубови, да отвори повеќе клубови. Но ако мнозинството Македонци се чувствуваат навредени од имињата на бугарските клубови, треба да ја разбереме оваа чувствителност на народот.



И верувајте дека тоа е во интерес на бугарската заедница, порачува министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за бТВ.

Шефот на македонската дипломатија најави дека следната недела планира да ги покани бугарските здруженија на собир, каде што ќе биде направен план како да се овозможи бугарската заедница да ја декларира својата припадност, нејзиниот идентитет и културна припадност и да се интегрира во општеството.

Османи, заедно со својот бугарски колега Николај Милков, вчера во Софија го посетија нападнатиот македонски државјанин од Охрид, Христијан Пендиков. Двајцата министри повикаа на прекин на насилството и провокациите од двете страни.

Говорејќи за нападите врз бугарските клубови и негативните реакции за нивните имиња во Македонија, како и за усвоените измени во Закон за фондации и здруженија со кои се забранува здруженија и партии да носат фашистички имиња, Османи посочува дека имињата на клубовите се провокација за Македонците и дека бугарската заедница треба да го разбере тоа.

„Очигледно е дека имињата што се избрани, без разлика колку историски и научно ќе ги толкуваме улогите на овие личности во историјата, чувството во поголема мера во Северна Македонија е дека овие имиња се провокации. Ова е доволно. Како што кажав за случајот со Христијан. Не ми е важно што ќе покаже истрагата. Важно ми е што родителот на Христијан вели дека бил нападнат поради неговата бугарска етничка припадност. А мене ова ми е доволно за денес да дојдам во Софија и да испратам порака. Истото треба да го чувствува и бугарската заедница. Не треба да влегуваме во вистинска научна дебата за улогата на овие историски личности. Ако мнозинството Македонци се чувствуваат навредени од ова, да ја разбереме оваа чувствителност на народот. И верувајте дека тоа е во интерес на бугарската заедница“, вели Османи.

На прашањето на бТВ дали бугарските клубови во Северна Македонија со имињата „Иван Михаилов“ и „Цар Борис III“ треба да ги сменат имињата ако сакаат да продолжат да постојат, Османи посочува:

„Така вели законот. Ќе бидам доследен – јас лично имав дилеми околу ретроактивноста на одредени делови од законот.

Но, одлуката на Собранието е таква што имињата не треба да се поврзуваат со периоди како што е фашистичкиот период од Втората светска војна, кои ги повредуваат чувствата на граѓаните. И клубовите ќе мора да го направат тоа, вели министерот Османи во интервјуто.