Министерот Бујар Османи ќе го посети претепаниот секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, а на денешната прес конференција во МНР, тој остро го осуди овој напад и повика надлежните да го расчистат случајот.
„Уште од вчера сум во комуникација. Колку што знам напаѓачите се идентификувани и се работи за да се изведат пред лицето на правдата. Нема да дозволиме никој поради политички интереси или други погледи да го загрози тоа што го постигнавме во изминатиот период. Очекувам веднаш по оваа прес-конференција и да го посетам нападнатиот бидејќи се работи за граѓанин на Северна Македонија. Никој не треба да биде нападнат поради својот идентитет. Сите мораме да реагираме за да не се случи ова повторно“, рече шефот на македон ската дипломатија, Османи.
Од Софија најавија дека во бугарското МНР ќе биде повикана амбасадорката на Македонија, Агнеса Руси Поповска, за да и биде врачена протестна нота, како реакција за нападот врз секретарот на бугарскиот клуб, Христијан Пендиков.
Бугарското МНР ќе побара од властите во Македонија да преземат итни и ефективни мерки за борба против злосторствата од омраза врз Бугарите, а министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков во телефонскиот разговор со Бујар Османи добил уверување дека ќе ја добијат потребната помош од локалните власти.







