Османи и МНР молчат за златниот Ајфон со дијаманти и скапоцениот накит добиени на подарок

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи се уште молчи за подароците кои тој и членовите на делегацијата ги добиле при ланската официјалната посета на Јордан.



Секторот за протокол во Министерството за надворешни работи петти ден молчи за подароците што ги добиле министерот и делегацијата на МНР при посетата на Јордан и не одговара на прашањата на „А1он“ дали вредноста на подароците добиени при посетата на Кралството Јордан е во согласност со нашите закони, кои го регулираат тоа прашање.

Портпаролот на МНР за „А1он“ потенцирал дека тоа е надлежност на секторот за протокол и ќе има информации кога ќе заврши проверката која пак трае од вторникот наваму.

„Кога ви доаѓаат високи делегации или одите на официјална посета, во тимот на делегацијата има т.н. гифт-офицер, односно лице задолжено за подароците како дел од протоколот. Пред посетата на висока делегација тој има задача да комуницира со гифт-офицерот од гостинската делегација и да договори дали ќе се даваат подароци. Ако се даваат, се напоменува до која вредност, со цел да има сразмерен однос. Ова е дипломатска пракса насекаде во светот со цел да не се доведе министерот или амбасадорот во незгодна ситуација“, објаснуваат дипломати за „А1он“.

„А1он“ претходно објави дека при посетата на Кралството Јордан, Османи од домаќинот добил на подарок златен „ајфон 14“ кој во малопродажба чини најмалку 2.700 евра, а делегацијата што го придружуваше била дарувана со накит.

„Десетина луѓе во делегацијата добиле златен накит, односно златни синџирчиња, а министерот добил подарок телефон со дијаманти. Тоа се многу скапи подароци. Можеби владините министри на Кралството Јордан имаат таква традиција да подаруваат скапи подароци, но ние немаме законска можност да примаме како дипломати такви луксузни предмети“, открива дипломатскиот извор за „А1он“.

По написите на А1.он дека министерот за надворешни работи Бујар Османи лани во Јордан при посета добил подарок златен ајфон со вграден дијамант, тој првин негирал, а потоа одговорил и на прашањето на Телма.

Во одговорот потврди дека добил подарок иако сосема различен од она што е објавено во медиумите.

,,Проверив, од МНР на Јордан на подарок сме добиле урми (овошје)”, одговорил министерот Бујар Османи за Телма на прашањето за златниот Ајфон 14-ка.

Османи беше во Јордан на посета лани во октомври на 7-миот Регионален Форум на Унијата на Медитеранот кога Македонија беше примена во членство на оваа организација.

Повеќе на овој ЛИНК