Министерот за надворешни работи Бујар Османи се обиде да и ги објасни на јавноста пораките на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со различни брзини“, како позитивни и за Македонија можеби дури и посакувани. Новинарот од „Алфа“ Драган Милосављевиќ ја демонтира оваа невешта конструкција на Османи, која, се чини е направена според принципот „Се си разбирам, но и на вас во објаснувам онака како што мене ми одговара“, без да се повика на логиката и на генералната порака која Макрон ја испраќа веќе години наназад. А тоа е дека ЕУ мора самата да се реформира и се додека не заврши тој процес нови членки нема да влезат во унијата, а дури и потоа би можеле да се вклучат нецелосно, односно без да ги имаат сите привилегии како актуелните држави во заедницата.

Фејсбук статусот на Драган Милосављевиќ ви го пренесуваме во целост:
Османи со годините се чини го научил дипломатскиот занает и станал вешт со зборовите. Тој денеска објаснува дека изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со различни брзини“ само на прва звучи како демант на изјавата на претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел. Според Османи, Макрон зборувал за брзини во смисла дека нема да влезат сите земји кандидатки наеднаш туку, која кога е подготвена, дека не заборувал за Европа во слоеви, во смисла привилегирани и помалку привилегирани.
И тоа е убаво, но мене ми се чини дека има еден проблем. Никој во ЕУ никогаш не ветил дека земјите од Балканот ќе влезат заедно за сега Макрон тоа да треба да го демантира и да објаснува дека секоја земја ќе влезе кога ќе биде подготвна. Имено, тоа се подразбира и нема никаква логика ниту најобичен шофер во Брисел да објаснува дека денот е ден и ноќта е ноќ, а камоли со такви пораки да се занимава претседателот на Франција кој се соочува со геополитички предизвици од историски карактер. Значи, читањето на пораката на Макрон за „Европа со различни брзини“ од страна на Османи е повеќе негова желба така да ја толкува, отколку објективно резонирање на суштинската порака која Макрон ја повторува добри четири, пет години, односно дека ЕУ не е подготвена за нови рамноправни членки се додека темелно не се реформира, што е пак долг, болен и компликуван процес.
Она што сепак ми се допадна е изјавата на Османи дека за нас единствено е прифатливо само полноправно членство и ништо помалку од тоа. А дали ќе не прифатат на таков начин е прашање кое засега нема јасен одговор.
(Насловот е редакциски)



