На прашање зошто смета дека дека Хисен Џемаили, (избран вчера за министер), кој беше обвинет во случајот Мавровски работници од 2001 година, е добар избор, вицепремиерот  Бујар Османи во неделното интервју за Радио Слободна Европа вели:



„Прво, господинот Џемаили не е осуден за настаните коишто вие ги споменувате. Тоа беше главно дел од поранешната пропаганда против ОНА и нашите информации се дека воопшто не бил вмешан во настаните за коишто се споменува. Формално-правно тој нема пречка за извршување јавна функција. Тој беше претседател на Советот на Општина Тетово, беше пратеник во Собранието.

Османи потсетува дека иако му бил одземен пратеничкиот имунитет, процесот формално заврши со автентичното толкување на Законот за амнестија од 2001 година.

„ Значи, ви кажувам дека формално-правно нема пречка, меѓутоа еве и неформално можам да ги споделам и информациите коишто ги имам дека господинот Џемаили воопшто не бил дел од настаните за коишто се споменува“’, вели Османи.

Вицепремиерот уште додава дека во однос на компетентноста, во однос на образованието и искуството, апсолутно е вистински човек на вистинско место.