Османи добива тужба за мафијашка корупција во дипломатијата

Како министерот за надворешни работи Бујар Османи врши разнебитување на дипломатијата од внатре, открива денеска Македонскиот дипломатски синдикат преку реакцијата со наслов ,,КОРУПЦИЈА ВО МНР”.



Македонскиот дипломатски синдикат алармира дека во Министерството за надворешни работи подолг период активно се работи на разнебитување на македонската дипломатија, меѓу другото и преку деструкција на системот за унапредување на дипломати.

Според МДС со манипулација во системот на унапредување со години се прави негативна, но и привилегирана селекција на кадри кои ја загрозуваат иднината на македонската дипломатија.

,,Раководството на МНР веќе десетина години не води никаква грижа и не спроведува обуки за највисоките дипломатски звања (министер советник), за да спречи една поголема група професионални дипломати за кои се нема партиски интерес, да напредуваат. Едновремено, засилено се вршат обуки за пониски звања, каде што министерот Османи и раководството имаат изразен партиски интерес за нивно пополнување, кадри што издашно се „впумпувани“ во МНР последните години”, се вели во реакцијата на МДС.

Ова се прави брутално, без оглед што со тоа директно се крши Уставната одредба за правото на образование и без оглед на обврската што МНР ја има редовно да спроведува соодветни обуки, согласно Законот за надворешни работи, Законот за државни службеници, Правилникот на МНР за управување со човечки ресурси и други подзаконски акти, стои во соопштението.

,,Исто така, на коруптивна линија се надоврзува и мафијашкиот „рецепт“ за двојно напредување на благонадежните партиски кадри – најпрвин преку назначување за Национален координатор за определена област се добива првото унапредување, а по неколку месеци следи второто унапредување на истиот дипломат преку дискреционото право на министерот. Тогаш звањето Национален координатор се префрла на нов избран дипломат за да се унапреди по прв пат, а по неколку месеца исто така следи второто, дискреционо унапредување. Потоа следи и трет Национален координатор и така натака…

Со ова се прави класична злоупотреба на институтот Национален координатор, кој во меѓувреме, последните 5-6 години значително се намножи од неколкумина на неколку десетици.

Со вакви маневри на министерот Османи (кој според законот ги одобрува), селективно се прескокнуваат години и години од кариерата неопходни за напредување на сопствените партиски кадри, за сметка на останатите вработени, кои со години остануваат залепени за дното се уништуваат, па дури не ни добиваат ни можност за редовно законско напредување.

Нашите синдикални членови кои непосредно се блокирани за правото на обука и напредување организирано ќе покренат тужба против Министерството за надворешни работи и министерот Бујар Османи како најодговорен за попречување на нивните права на обука и напредување и за насилно менување на ликот на дипломатијата со некомпетентни кадри”, се вели во реакцијата на МДС од каде ќе продолжат да ги разоткриваат и објавуваат злоупотребите и незаконските активности во МНР што го нарушуваат дигнитетот на службата и правата на вработените.