Последиците од блокадата за старт на преговорите на земјава со ЕУ, нивното влијание врз ентузијазмот кај населението за евроинтеграциите, како и одлагањето на стартот на процесот на вакцинација, беа темите за кои шефот на македонската дипломатија Бујар Османи се осврна во разговор за МИА од Брисел, по средбите со неговите домаќини при денешната посета на Белгија и вчерашната на Луксембург.



Османи оцени дека постои „разочарување на Македонија и нејзините граѓани“ по блокадата на Бугарија во декември за преговарачката рамка, која требаше да го означи конечно формалниот старт на преговорите за членство во ЕУ, пренесе МИА.

Минатиот декември, инсистирањето на Бугарија не само да не се усвои рамката со Македонија, туку и да се вметне реченица која се однесува на „погрешното толкување на историјата“ предизвика реакции на дел од земјите членки на ЕУ, при што најгласни беа Словачка и Чешка.

Османи смета дека овој неуспех на ЕУ има „опасни последици“ за целиот регион на Западниот Балкан.

„Последиците се во влегување на регионот во голема непредвидливост во однос на ЕУ перспективата. Знаете дека не успеа ни преговарачката рамка за с. Македонија, но ни заклучоците за целиот регион, така што целиот регион влегува во непредвидливост, а во овие околности непредвидливоста е поопасна од негативен исход од некои процеси, затоа што тешко се подготвувате и се браните од непредвидлив период. Ние инсистираме на предвидливост“, вели шефот на македонската дипломатија за МИА.