Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ Бујар Османи изјави дека ДУИ нема време да се занимава со други партии, бидејќи, како што вели, има своја мисија и платформа. Според него, ДУИ ќе ги промовира своите најважни вредности и мисија за интегрирање на државата. Ова тој го нагласи, учествувајќи во емисијата „Клан дебата“ на ТВ Клан Македонија.
ТВ Клан Македонија пишува: „Мисијата на ДУИ е многу јасна. Мисијата на Али Ахмети не е од вчера. Полека – полека, поглавје по поглавје, мандат по мандат ја завршува својата мисија. Поаѓајќи од етничката рамноправност, која денес ја гледаме во сите пори на животот, интеграцијата во НАТО. Сега преостанува завршната мисија на интеграцијата во ЕУ.“ – рече Бујар Османи.
Тој изнесе дека во текот на овој ноември во ДУИ ќе има неколку состаноци на партиските органи, на кои ќе се разговара за претстојните избори како и за лицето, што ќе ги преземе должностите на првиот премиер-Албанец, врз основа на коалицискиот договор со СДСМ. Овој договор, според него, се уште стои. „Ова е дел од политичкиот договор внатре во коалицијата и верувам дека така ќе остане… Нема промена или отстапување од договорот, кој беше постигнат на почетокот на формирањето на оваа Влада, дека во последните 100 дена ќе го скршиме и последниот етнички монопол во земјата. Уште не се знае кој ќе биде кандидатот за прв премиер-Албанец.“ – рече Османи.
Бујар Османи ги демантираше обвинувањата на албанската опозиција дека тој, или кој било друг експонент на ДУИ, се сретнал во Будимпешта со поранешниот премиер Никола Груевски. Говорејќи во врска со неговото можно враќање во земјата, Османи нагласи дека ДУИ нема интерес за тоа и упати критики кон албанските опозициски партии. Враќањето на Груевски, според него, не е работа на ДУИ, додавајќи дека е изненаден, поради загриженоста која ја искажува албанската опозиција околу оваа тема. „ДУИ ниту добива, ниту има некаков интерес од враќањето на Груевски, ниту пак има зошто да работи на тоа враќање. Средби со него немало. Ова се игри во македонскиот политички табор.“ – посочи Османи.
Поголема политичка поларизација во земјава никогаш немало, смета Бујар Османи, кој додава дека оваа поларизација доаѓа како последица на приближувањето на земјата кон членството во ЕУ. Според Османи, претстојните избори ќе бидат еден облик на референдум за силите, кои треба да ја зачленат земјата во ЕУ, и за силите, кои прават калкулации со судбината на луѓето. “Сега е јасно дека постои политичка елита, која прави се што е во нејзина моќ, за да ја зачлени земјата во ЕУ, но и оти постои и друга политичка елита, која прави се што е во нејзина моќ да го спречи зачленувањето во ЕУ. Ова ќе бидат двете теми, за кои ќе одлучуваат граѓаните.“ – изјави Османи.
Според него, ДУИ е подготвена да се натпреварува во каква било форма, или самостојно, или во заеднички листи со друг субјект, но за ова прашање, како што вели тој, се уште не е разговарано и нема одлука во овој момент. Партиските органи, како што наведува Османи, ќе одлучат за тоа кога ќе дојде потребниот момент.




