Преку препорачана пратка, испратена по пошта од Битола, вчера до државниот јавен обвинител Љубомир Јовески стигнало писмо со закани по живот во кое се бара да бидат „ослободени од гонење двајцата новинари од ТВ Алфа, Горан Момироски и Драган Милосављевиќ.
Испраќачот или испраќачите во писмото се претставуваат како терористичка организација и му се закануваат со живот на Јовески.
„Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот. Постапете веднаш ако вашата желба е да останете живи. Ние сме терористичка организација која се бори и убива за неправди и исто така сме подготвени да гинеме за неа“, пишува во заканата до Јовески
Заканата се однесува на конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година, со тоа што во предметот е донесена Резолуција со која постапката е запрена бидејќи е утврдено дека нема место за јавнообвинителско постапување.
„Новинарите Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, слободно да бидат ослободени бидејќи се новинари кои се од највисоки еминентни и заслуги и имаат астрономска поддршка насекаде низ државата, кои ќе се борат и ќе ги бранат до последна капка крв како што овие новинари го претставуваат и се гласот на македонскиот народ.
Љубомир Јовески ослободете ги еднаш, ослободете ги од сите обвиненија бидејќи се невини за какво било злосторство или Љубомир Јовески ќе те убиеме многу брзо. Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот. Постапете веднаш ако вашата желба е да останете живи. Ние сме терористичка организација која се бори и убива за неправди и исто така сме подготвени да гинеме за неа“, пишува во заканата што вчера стигнала до обвинителот.
Од Обвинителството наведуваат дека пратката ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и лицето кое ја експедирало пратката.
Јавниот обвинител ја става на увид на јавноста содржината на писмената пратка која ја добил вчера, на 26. јануари 2022.








