Четворица осомничени за убиството на тројца полицајци во Арачиново, на 11 јануари 2000 година, денеска се ослободени од обвинение, јавува Алсат М.
Кривичниот суд во Скопје донесе втора ослободителна пресуда за Лирим Динарица, Емрула Емрулаи, Рамиз Асани, Муча Бајрами, обвинети во случајот на тројцата убиени полицајци Кирил Петрушевски, Ацо Ангеловски и Ерол Готак, на влезот во Арачиново во јануари 2000 година.
Од натамошен прогон во меѓувреме беа ослободени и обвинетите, сега веќе починати, Башким Асани и Агим Асани.
Судскиот процес за убиството на тројцата полицајци трае 18 години.
По ослободителната пресуда Лирим Динарица изјави дека во нивна одбрана имало 100а сведоци кои изјавиле дека тие немале ништо со случајот што им се ставал на товар, пишува НОВА ТВ.
„Минавме 18 години тортура и малтретирања низ овие судски лавиринти и само нашата кожа знае како ни било“, изјави Динарица.




