Без Кирил Лазаров, Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов, ракометната репрезентација на Македонија го претрпе првиот пораз во квалификациите за Европското првенство 2022 во Унгарија и во Словачка, откако во Олборг загуби од Данска со 37:21.



И на најголемите оптимисти им беше јасно дека сензационалниот триумф од 33:29 во четвртокот во Скопје против светскиот и олимписки шампион ќе биде чудо да се повтори, дури и во комплетен состав, но почетните 4:4 не навестуваа резултатски дебакл.

Сепак, осумте минути без постигнал гол за водство на домаќинот од 15:7 рано го реши прашањето за победникот.

Реализацијата на дури 77 проценти од нападите на Данска, наспроти 47 отсто на Македонија, како и ефектот 13/14 во контранапад на Данците наспроти 6/6 на Македонците ја илустрира надмоќта на составот на Николај Јакобсен наспроти тој на Лазаров.

Филип Кузмановски со пет гола беше најефикасен во македонскиот тим, за кој Пешевски, Велковски и Маркоски постигнаа по три.

Во другиот меч од седмата група Швајцарија дома ја совлада Финска со 32:30 и е трета со 4 бода, два помалку од Данска и до Македонија, а Финците се на дното без бодови.

Во завршницата од квалификациите „црвено-жолтите“ и теоретски треба да го потврдат пласманот на ново големо натпреварување на 28 април кај аутсајдерот Финска и на 2 мај со Швајцарија на домашен терен.