Оштетени штедачи на пропаднатата Еуростандард банка реагираат на тоа што некои штедачи можеби добиле инсајдерски информации и навреме си ги повлекле депозитите од банките, а наместо да сносат одговорност за тоа – тие, како што е случајот со екс-министерката за финансии Нина Ангеловска – се наградени.
„Антикорупциска комисија го испита случајот со претходната министерка за финансии и ја утврди нејзината професионална и морална одговорност, којашто се оценува како многу важна за нејзиниот интегритет, бидејќи како член на Комитетот за финансиска стабилност таа знаела дека банката ќе се затвори и ги подигнала своите депозити од банката непосредно пред нејзиното затворање. На тој начин таа имала предност и била во повластена позиција да ги извади своите депозити од банката пред другите депоненти кои ги загубија своите пари“, се вели во соопштението на Оштетени штедачи до јавноста.
Вакви и слични случаи во други земји каде владеат правото и правдата имаат многу повисока одговорност споредено со нашата земја во којашто, по се изгледа, ваков настан кога висок партиски службеник и владин функционер, министер за финансии, го прави тоа се третира како сосема нормална појава. Дали оваа постапка на Нина Ангеловска како висок партиски службеник со проблематичен професионален и морален кредибилитет е награда од власта за сега предложеното место во одборот на директори на Македонски телеком?
Освен што не е реагирано со време за спречување на криминалот во Еуростандард банка од страна на Народната банка, дополнителна тежина, гнев и горчина кај оштетените депоненти се и дузината јавни изјави за стабилноста на банкарскиот систем и сигурноста на депозитите на граѓаните и фирмите давани од страна на оваа високо поставена државна институција која го контролира и регулира банкарскиот систем, а посебно интервјуто на гувернерката Анита Ангеловска Бежоска дадено во мај годинава, на коешто таа изјавува: „Билансите на банките се навистина здрави, се здраво јадро во моментов во нашата економија и нетреба да постои никаква грижа кај граѓаните за нивните депозити“. Каков заклучок носи оваа нејзина изјава како прв човек на Народната банка, институцијата која гарантира за безбедноста и сигурноста на нашите депозити?






