Еуростандард банка не пропадна само поради математичка операција за одредување на стапката на адекватност на капиталот. Не. Таа пропадна поради масовен криминал од речиси 60 милиони евра, крадење на депозитите на физичките и правни лица депоненти во банката, голема организирана операција во најголем дел спроведена во последните три години пред затворање на банката минатата година, велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
„Наскоро ќе поминат година и половина од ставањето клуч на банката. Нема никаква одговорност за никого. Блажо Трендафилов, директорот на Управата за финансиско разузнавање, уште минатата година јавно изјави дека преку Еуростандард банка се переле пари, операција која започнала во 2017 година и многукратно се зголемила наредните години. И ништо не е направено да се спречи тоа со време. Арафат Муареми, директорот на Управата за финансиска полиција, во февруари годинава јавно изјави дека се гледа крајот на тунелот и дека се на добар пат да ја докажат одговорноста на сите вмешани страни кои се дел од грабежот на банката. Изјави и дека се работи за голема мрежа на фирми клиенти на банката, дури и повеќе од 149, преку кои се спровело крадењето на депозитите од банката. И сеуште нема ништо на повидок. Молчи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. И после толку многу достапни докази, објави Здружението „Правда за штедачи” – како ништо да не се случило.
(…)
Како што изгледа, релеватните државни институции кои треба да го штитат јавниот интерес, за што се и платени од нашите пари, очигледно се појавуваат како сервис и заштитници на криминалците. Ненормалното стана нормално и обратно. Крадците станаа чесни луѓе, а сите ние депоненти, над 3.000 семејства на кои личните парични средства им ги украдоа, сме виновни за вербата во системот којшто организирано не покраде.
„Јавно ги прашуваме овие државни институции кого заштитуваат. До каде е истрагата? Молкот мора да заврши. Сите инволвирани страни во криминалот на Еуростандард банка мора да одговараат за нивните злоупотреби на службена должност и овластувања, за перење пари, за молчење и прикривање на криминалот, за соучество во криминалот, за фалсификување на документи, за измама и за низа други кривични дела“, велат од Здружението.







