Оштетени два далекувода, без струја останаа 100 илјади жители во Охрид, Струга и околината

Голем дефект на далекуводниот систем остави без струја над 100 илјади жители во регионот на Охрид, Струга и делови од Дебрца, објави порталот Охридњуз.



Како што информира ЕВН, прекин во снабдувањата со електрична енергија има во Охрид, Слатино, Издеглавје, Арбиново, Годивје, Сливово. Потоа во Струга, Калишта, Радолишта, Франгово, Радожда, Октиси, Подгорци, Делогожда, Лабуништа, Присовјани, Локов, Селце, Буринец, Збажди, Брчево, Шум, Заграчани, Вишни, Радолишта, Теферич, Луково, Нерези, Модрич, Дренок, Пискупштина. Прекин во снабдувањето има и во Вевчани.

Од ЕВН велат дека проблемот е во МЕПСО, односно во нивните системи за снабдување. Неофицијално се работи за дефект на два далекувода од кои со електрична енергија се снабдуваат наведените реони.

Во регионот од синоќа има обилни врнежи од дожд и влажен снег на повисоките места, кој предизвикува проблеми и оштетувања на електричната мрежа и другата инфраструктура.