Ордановски ги обвини ,,Македонски телеком”, СДСМ и ДУИ за проруска пропаганда

Првиот човек на весникот ,,Слободен печат” и автор на емисијата ,,Утрински брифинг” Сашо Ордановски во своја колумна директно Македонски Телеком а индиректно и владините коалициони партнери ги обвини за пропаганда во корист на Русија.



„Македонски телеком“ е најсилната антизападна, српско-руска пропагандна алатка во земјава, а со него управуваат и дузина видни политичари од СДСМ и ДУИ”, пишува Ордановски.

Според него делува лицемерно актуелната македонска официјална државна загриженост за трагедијата во Украина кога се знае дека Македонска влада предводена од СДСМ и ДУИ, соучеснички (со близу 35% сопственост и „златна акција“ во компанијата), учествуваат во отворената српско-руска пропаганда којашто ни ја „овозможува“ Македонски Телеком со додавањето на низа српски телевизиски канали со треш-програма преку својот сервис МаксТВ.

,,Владава не е во состојба да ја испочитува ни СОПСТВЕНАТА препорака, проследена и од АВМУ, за спречување на официјалната руска пропаганда на „Раша Тудеј“, а потроши којзнае колкави ресурси за наводното оневозможување на „хибридните закани“ по информативниот јавен простор во рамките на активностите на НАТО и ЕУ во земјава. Прашајте кого сакате од надлежните министри, од Славјанка Петровска до Бујар Османи, ќе ве „удават“ во извежбани рецитали за важноста да се спречи антизападната пропаганда и во Македонија и на Балканот”, смета новинарот.

,,А, во Одборот на директори на „Македонски Телеком“ врие од високи политичари од власта на СДСМ и ДУИ: претседател е струмичанецот Зоран Китанов, до неодамна директор на ЈП за Државни патишта, кому му „секундираат“ од бившиот министер, липковскиот „водоинсталатер“ Садула Дураки, преку бившата министерка за финансии и потпретседателка на СДСМ Нина Ангеловска, до каратиската и поранешна директорка на Клиничкиот центар во Скопје, Шкодране Дарлишта… и уште десетина други. Тие само се таму за да вработат што повеќе партиски кадар во компанијата, оти така најдобро го штитат државниот интерес на Македонија.

Се прашувам каква смисла има да протеруваме „гроздови“ од руски дипломати за недозволени активности во државава, кога проруската инсталација во Македонија си функционира беспрекорно и без особен напор на режимот на Путин? Нормално, платена од парите на македонските граѓани”, заклучува Ордановски.

Цела колумна на овој линк