Новинарот Сашо Орданоски, кого многумина го нарекуваат неофицијален идеолог на СДСМ, во авторски текст на Цивилмедиа невообичаено го искара раководството на партијата поради изборниот дебакл во неделата.
Признавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ оствари значајна предност во првиот изборен круг, со веќе избрани 22 градоначалници – наспроти 9-те победници од кандидатите на СДСМ, тој ги побара причините за како што вели „значителното потфрлање на СДСМ во првиот изборен круг“.
„Факт е дека Македонија на овие локални избори за првпат гласачки „рефлектира“ на двете полни, исцрпувачки години „општествен“ ковид; и дека, по ланските парламентарни избори, ова е првиот суштински гласачки „осврт“ врз политиката на власта во македонско-бугарските евро-перипетии. Но, тоа сепак ќе да е помалиот спектар на причини за изборното локално потфрлање. Суштината мора да е во (ре)изборот на градоначалничките кандидати на листите, нивните ефекти од минатото четиригодишно владеење по општините (откако многумина од нив политички „преживеаја“ неколку громогласно промовирани и никогаш спроведени кадровски „метли“ во матичната партија), но и во општиот впечаток на пошироката, непартиска јавност, за она што се ветуваше по падот на Груевски, а не се исполни. Тоа оди на контото и на општинските, но уште повеќе на централната власт на СДСМ“ – пишува Орданоски.
Според него, оптимизмот на Заев ги допрел границите на својата мобилизирачка моќ и нејзината „додадена вредност“ повеќе не ја носи победничката предност со која ги надополнуваше сите недостатоци во своите политики.
Целата колумна можете да ја прочитате на следниот линк;
Инерцијата е опасна работа, кога кочниците откажуваат послушност





