Унгарскиот премиер ја повика Европската унија да создаде безбедносно тело како НАТО, но без Соединетите Американски Држави.
„Европското НАТО би било решение. Јас веќе го предложив тоа во 2012 година“, рече Орбан во интервју за швајцарскиот неделник Die Weltwoche, додавајќи дека европските земји треба да бидат подготвени да се бранат.
„САД и ЕУ плаќаат различни цени за војната, а Американците, а не Европејците, го имаат последниот збор во сè“, додаде тој како што пренесува Индекс.хр.
Орбан, еден од ретките сојузници на Путин во Европа, во неодамнешното јавно обраќање рече дека Европа тоне во војна.
„Гледате сите дека сакаат да не’ вовлечат во војна и сакаат да им се придружиме на провоените земји“, рече тој.
Орбан рече дека неговата влада „гледа со голема загриженост“ како Европа постепено „тоне во војна“, истакнувајќи дека неколку земји испраќаат тенкови и размислуваат да обезбедат борбени авиони за Украина.
Тој рече дека имало дури и такви кои сакале да испратат војска во Украина. Тој посочи дека на изборите одржани во април минатата година, што го потврди и владината јавна анкета, Унгарците одлучиле Унгарија да „остане настрана од војната“ и да не доставува оружје.







