Орбан нема време за демократија, зафатен е со коронавирусот

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ѝ порача на ЕУ да се бори против коронавирусот наместо да се занимава со Унгарија и со него, по критиките од ЕУ дека си ги проширил овластувањата и дека ќе владее се декрети.



„Не знам кои се тие луѓе кои седат во бриселското стаклено ѕвоно“, рече Орбан за државното радио.„Можеме да спасуваме животи работејќи заедно, а со што се бави Брисел – со нас“ рече тој, како што пренесува РСЕ.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен рече дека е „особено загрижена“ поради одлуката на унгарскиот парламент од понеделникот, кога му беше одобрено на Орбан да ја води земјата со декрети на неопределено време во рамки на вонредната состојба воведена поради пандемијата на новиот коронавирус КОВИД-19.

Тринаесет членки на Европската народна партија (ЕПП) во европскиот парламент, побараа исклучување на партијата на Орбан, Фидес.

„Со сета почит, немам време да разговарам за други работи, освен за коронавирусот“, напиша Орбан во писмото до генералниот секретар на ЕПП, Антонио Лопес-Истурис Вајт.

Фидес е суспендирана од ЕПП од март 2019 на неопределено време.