Унгарија ќе го одложи приемот на Шведска во НАТО поради критиките од Стокхолм за политиката на премиерот Виктор Орбан, соопшти денеска унгарската влада.
Портпаролот Золтан Ковач рече дека премостувањето на тој јаз бара напор од двете страни, пренесува Ројтерс.
Шведска и Финска поднесоа барање за влез во воениот сојуз НАТО минатата година, по рускиот напад врз Украина, но процесот беше запрен од Унгарија и Турција.
Унгарскиот парламент во понеделникот го одобри нацрт-законот со кој се дозволува Финска да се приклучи на НАТО, но барањето на Шведска и понатаму се чека.
„Во случајот со Шведска, има голем број поплаки кои треба да се решат пред да се ратификува приемот на земјата“, рече Ковач на својот блог.
Тој рече дека шведските претставници „постојано се обидувале дипломатски да ја нападнат Унгарија, користејќи го нивното политичко влијание за да им наштетат на унгарските интереси“, алудирајќи на шведските критики за колапсот на владеењето на правото од страна на владата на Орбан во изминатите 13 години.
Премиерот Орбан тврди дека Стокхолм со години зазема „непријателски став“ кон Будимпешта.
„Кога ќе се додадат на ова проблемите и поплаките што ги има Анкара, нема многу простор за маневрирање, барем не додека Швеѓаните не го сменат своето мислење и однесување и не помогнат во заздравувањето на овие долгорочни рани“, рече Ковач.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган минатата недела објави дека турскиот парламент, исто така, ќе го започне процесот на ратификација на приемот на Финска, додека ја обвини Шведска дека засолнува курдски милитанти.






