Унгарскиот премиер објави дека го поканил шведскиот колега да ја посети Будимпешта и да преговара за членството на неговата земја во НАТО, закочено од Унгарија и Турција.
„Денеска испратив покана до премиерот Улф Кристерсон да ја посети Унгарија за да преговара за прием на Шведска во НАТО“, напиша Виоктор Орбан вчера на социјалната мрежа Х.
Во 2022 година, по почетокот на руската инвазија на Украина, Шведска и Финска ја напуштија својата повеќедецениска политика на воена неутралност и аплицираа за членство во Организацијата на Северноатлантскиот договор.
Во меѓувреме, Финска стана членка, но Шведска беше запрена на својот пат од Унгарија и Турција.
Орбан тврди дека нема закана за безбедноста на Шведска, која „неразумно ги обвинува“ унгарските власти за поткопување на демократијата.
Шведска „не презема никакви чекори за зајакнување на довербата, така што нашата врска ќе стане однос на сојузници и пријатели“, рече Гергели Гуљас, шеф на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, на брифинг минатата недела.
„Овој однос во моментов е правно еден од сојузниците, но не може да се смета за пријателски, па морам да заклучам дека за Шведска денес воопшто не е приоритет брзо да се приклучи на НАТО“, додаде тој тогаш.
Комитетот за надворешни работи на турскиот парламент го одобри барањето на Шведска минатиот месец, што е прв чекор во процесот на ратификација.





