Без државни знамиња и каква било активност од општината помина и 76-годишнината од ослободувањето на Тетово од фашистичкиот окупатор во Втората светска војна.



Наместо општинската власт на чело со ДУИ и градоначалничката Теута Арифи, одбележувањето на ослободувањето на последниот македонски град во војната се сведе на положување цвеќе пред Споменикот на револуцијата од општинската организација на Сојузот на борците од делегации на Армијата на Република Македонија и на партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Левица, пак, положи цвеќе пред споменикот на Гоце Стојчески-Амбарче, едниот од двата народни хероја од Тетово покрај Тодор Ципоски-Мерџан.

Изговорот на Општината за игнорантскиот однос е прогласувањето за општински празник на 3 март, денот кога е формиран повеќепартискиот совет, а не како дотогаш на денот кога во 1944 година Тетово го ослободија 3, 13, 14 и 19 македонска бригада.