Општина Центар го продолжи мораториумот за градба

На вонредна седница денеска, советниците на Општина Центар донесоа одлука за нов мораториум за градба, откако претходниот беше времено прекинат од Уставниот суд.



Општината, со новата одлука, ќе ги спроведува само Деталните урбанистички планови кои се усогласени со Генералниот урбанистички план на Град Скопје.

„Со оваа нова одлука го продолжуваме мораториумот на градба додека сите планови кои сметаме дека се лоши, го загрозуваат хуманото живеење на граѓаните и се спротивни на ГУП-от како акт на повисоко ниво, не бидат ревидирани…“ вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.

 Новата одлуката беше изгласана со 16 гласови „за“ а советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано.

Со денешната одлука, одлуката на Уставниот суд станува беспредметна.

Државната комисија за спречување на корупцијата ќе отвори предмет за одлуката на Уставниот суд за укинување на мораториумот на урбанистичките планови во општина Центар. Предметот ќе биде отворен на барање на „О2 иницијативата“, од каде што на антикорупционерите им посочиле дека Уставниот суд за едни постапува бргу, а за други не постапува долго време и предизвикува последици.