Општина Аеродром почна да ја обновува новата база на фудбалерите на Вардар

Шест дена по враќањето на Вардар во Првата македонска фудбалска лига, Општина Аеродром почна да го остварува своето ветување за реконструкција на игралиштето кај СЦ „Јане Сандански“, кое ќе биде нова тренинг-база за сите возрасни категории во најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија.



„По иницијатива на градоначалникот Тимчо Муцунски и претседателот на Советот, Дејан Митески, како и со поддршка на општествено-одговорна компанија, денеска почнаа активностите за реконструкција на фудбалското игралиште во близина на СЦ ‘Јане Сандански’.

Почетниот чекор во насока на обезбедување нов дом за ФК Вардар и ‘Комити’ – Скопје опфаќа целосна реконструкција на системот за одржување на теренот и поставување нова тревна површина. Со инвестиција на одговорните компании од околу 2 милиона денари, првиот тим и младинските школи на ФК Вардар ќе добијат место на кое ќе можат да ги одржуваат своите тренинзи и натпревари.

Општина Аеродром на дело ја докажува посветеноста кон обезбедување модерни услови за спорт, како и помош и поддршка за клубот кој е гордост на Скопје и Македонија“, соопшти Општината.